Home » Кога Битола зборува француски: започнува Франкофонската пролет

Кога Битола зборува француски: започнува Франкофонската пролет

by culturalchat

Со современ танц, франкофонски филм и џез концерти, Битола во март и април повторно ја слави француската култура и одбележува два значајни јубилеја – 30 години француско конзуларно присуство и 25 години Француска алијанса Битола. Битола отсекогаш била позната како град на конзулите – место каде европските култури, јазици и идеи се среќавале уште во XIX век. Денес таа традиција продолжува преку живата франкофонска сцена во градот.
Францускиот почесен конзулат и Француската алијанса во Битола ја најавуваат традиционалната културна програма „Франкофонска пролет“, која во текот на март и април ќе го одбележи Месецот на Франкофонијата со серија настани посветени на францускиот јазик, уметност и културна размена. Ова издание има и посебно значење, бидејќи се одбележуваат две важни годишнини: 30 години француско конзуларно присуство во Битола и 25 години Француска алијанса Битола, институција која веќе четврт век активно го промовира францускиот јазик, култура и франкофонските вредности.
Месецот на Франкофонијата се одбележува во многу земји ширум светот, а во Битола оваа традиција со години претставува важен дел од културниот календар на градот. Програмата носи разновидни настани за различни генерации и интереси, од современ танц и филм до џез концерти. Франкофонската пролет започнува на 13 март во Народниот театар Битола, со современата танцова претстава „F_AI_LLE“ на француската компанија K.Danse, иновативен сценски проект кој го истражува односот меѓу човечкото тело и вештачката интелигенција преку интерактивна аудиовизуелна технологија.
Филмската програма продолжува на 31 март во Центарот за култура Битола, а од 6 до 9 април публиката ќе може да ја проследи Неделата на франкофонски филм, која ќе донесе избор од современи франкофонски кинематографии.
Музичкиот дел од програмата носи две различни џез вечери. На 9 април во КИЦ Офицерски дом ќе се одржи концерт на Engé Helmstetter и Yardani Torres Maiani, инспириран од традицијата на џез мануш, музичкиот стил што го прослави Џанго Рајнхарт. Франкофонската пролет ќе биде заокружена на 16 април во Народниот театар Битола со концерт на Карим Блал, во рамките на фестивалот Jazz Factory, како симбол на музичката импровизација и културната размена меѓу Франција и Македонија.
Во рамките на програмата ќе се реализира и Мала школа за кратки филмови во Центарот за култура Битола, наменета за младата публика и за новите генерации љубители на филмската уметност. Програмата се реализира со поддршка на Француската амбасада и Францускиот институт од Скопје, во соработка со повеќе културни институции и партнери од Битола, меѓу кои Народниот театар Битола, Центарот за култура, КИЦ – Офицерски дом, Europe House Bitola и фестивалот ТАНЦ-ФЕСТ, како и со француската асоцијација Aye Aye VO / Festival International du Film de Nancy. Организаторите ги покануваат сите љубители на културата да бидат дел од оваа програма и да ја почувствуваат франкофонската атмосфера во градот.
Оваа пролет, Битола повторно зборува француски.

Related Articles