Комедијата што ја освои публиката, „Кокошка“, беше изведена во Битолскиот театар во пресрет на Денот на жената, а секоја дама од публиката доби цвеќе кои актерите им ги подарија за време на изведбата. Овој гест на раководството на НТБ е како благодарност кон публиката за поддршката и големата посетеност на претставите. Комедијата за која се бара билет повеќе, уште од првата изведба предизвикува громогласна смеа и долги аплаузи.

„Кокошка“ не е само комедија – таа е огледало на нашите карактери, суети, амбиции и апсурди. Со брилијантен хумор, живи дијалози и препознатливи ситуации, оваа претстава ја освојува публиката затоа што сите се пронаоѓаме во неа. Смеата доаѓа природно, искрено и – до солзи. Комедијата на авторот Николај Кољада, е во режија на Марјан Ѓоргиевски. Прифаќајќи ја драмата на својот живот како свој живот, неговите ликови создаваат можност да се прифатат себеси како луѓе, а со тоа и светот светот на сопствените можности како добар свет за себе. Во истата играат: Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Никола Пројчевски. За сценографијата се погрижи Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, драматург Оливера Павловиќ. Во месецот кога се слави и светскиот ден на театарот, Битолскиот театар со повеќе изненадувања.



