Home » Светска премиера на македонскиот филм „17“ на 76. Берлинале

Светска премиера на македонскиот филм „17“ на 76. Берлинале

by culturalchat

Македонскиот игран филм „17“ во режија на Косара Митиќ, реализиран со финансиска поддршка на Агенцијата за филм, синоќа ја имаше својата светска премиера во рамки на 76. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, во киното Блумакс (Bluemax Theater) во Берлин, пред полна сала публика и филмски професионалци.
Возбудата од премиерната вечер беше дополнително засилена од одекот на меѓународната критика утрово. Британскиот The Observer го прогласи „17“ за „филмско откритие“ и „филм што мора да се гледа“, со посебен акцент на извонредната актерска изведба на Ева Стојчевска во улогата на Сара — интерпретација што со тивка сила, внатрешна напнатост и зрелост го носи филмот и ја потврдува појавата на нова актерска ѕвезда. Филмот конкурира за наградата GWFF Best First Feature Award, признание кое Берлинале го доделува на најдоброто дебитантско остварување. Авторскиот тим го сочинуваат Косара Митиќ и Огњен Свиличиќ како сценаристи, директорот на фотографија Наум Доксеvski и монтажерот Владимир Павловски, а покрај Стојчевска, во филмот настапуваат Мартина Даниловска, Даме Јовески и други млади актери. Дел од екипата присуствуваше на премиерата во Берлин, каде беа пречеканни со долг аплауз.

„Светската премиера на ‘17’ во официјална конкуренција на Берлинале е уште еден сјаен момент за македонската кинематографија. Овој успех е резултат на исклучителна посветеност, јасна авторска визија и силна креативна синергија — Косара Митиќ и кинематограферот Наум Доксевски тука функционираат како редок, комплементарен авторски тандем, создавајќи филм што комуницира универзално, а останува длабоко личен и автентичен. Со ‘17’, Косара Митиќ демонстрира зрелост и интегритет што ретко се среќаваат во дебитантско остварување. Таа е дел од генерација автори со свеж и современ печат кои ја редефинираат позицијата на Македонија на светската филмска сцена“, изјави директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
На црвениот тепих филмот го претставија министрот за култура и туризам Зоран Љутков, режисерката Косара Митиќ, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, продуцентот Томи Салковски, ко-сценаристот Огњен Свиличиќ, копродуцентите Мирослав Могоровиќ, Владо Булајиќ и Лија Пограчник, монтажерот Владимир Павловски, како и дел од актерската и техничката екипа.

„Историски успех за македонската кинематографија – „17“ е првиот дебитантски македонски игран филм по 26 години што се натпреварува во официјална селекција на еден од фестивалите од големата тројка. „17“ отвора ново поглавје за современиот македонски филм и испраќа јасна порака, нашите автори се подготвени за светската сцена. Горд сум на овој успех и на македонската кинематографија“, истакна министерот Љутков.

Related Articles