„Денес го дополнуваме списокот на нашите лауреати на наградите кои ги доделува Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. Покрај Капланоглу и Џајковски во овој список ги додаваме Дариус Конџи, кој е добитник на наградата Златна камера 300 за животно дело и оскаровецот Воли Фистер кој е добитник на Специјална камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, рече на денешната средба со новинарите директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.Мал е бројот на кинематографери во светот кои имаат оставено зад себе филмски остварувања за кои може да се каже дека се постулат на модерната филмска уметност, кои со децении ќе се изучуваат на факултетите и ќе се реферираат како поим за квалитет на модерниот филм. Уште помал е бројот на кинематографери за кои може да кажеме дека соработувале со филмски мајстори, режисерите: Жан-Пјер Жене, Дејвид Финчер, Бернардо Бертолучи, Михаел Ханеке, Роман Полански, Дени Бојл, Нил Џордан, Сидни Полак, Вуди Ален, Џејмс Греј, Бонг Џун-хо, Вонг Кар-Ваи, Алехандро Гонсалес Ињариту, Ари Астер и браќата Сафди и во плодната соработка создале неповторливи филмски остварувања. Тоа значи дека само еден е Дариус Конџи, кој може да заклучиме дека е врвен естет кој по сите критериуми ја заслужува Златната Камера 300 за животен опус, кој до ден денес ги поместува границите на кинематографската дејност, создавајќи дела за паметење. Роден е на 21 октомври 1955 година во Техеран, Иран. На рана возраст неговото семејство се преселува најпрвин во Франција, а тој подоцна во животот заминува за САД за да студира на УЦЛА а потоа магистрирал на Универзитетот во Њујорк. Двајца професори влијаеле врз неговата одлука да стане кинематографер: Јонас Мекас и Хејг П. Манугијан (професорот по филм на Мартин Скорсезе), снимајќи ги филмовите на другите студенти, надоградувајќи ја вештината за кадрирање. По престојот во САД, Конџи се враќа во Франција во 1981 година и работи како асистент за кинематограферите: Бруно Нујтен, Мартин Шафер и Паскал Марти. Првиот интернационален успех го постигнува со пост-апокалиптичната црна комедија ДЕЛИКАТЕСИ / DELICATESSEN (1991), при соработката со режисерите Марк Каро и Жан-Пјер Жене, остварувајќи ги нивните научно-фантастични визии во ГРАДОТ НА ИЗГУБЕНИТЕ ДЕЦА / CITY OF LOST CHILDREN (1995). Со режисерот Дејвид Финчер најпрвин соработуваат на рекламата за Најки, а потоа и на култниот крими трилер СЕДУМ / SEVEN (1995), таа модерна Гомора во која со хемискиот процес на филмската лента и позиционирањето на светлото на Конџи со кој ја обликува темнината со недоволна експонираност, се добива препознатливиот изглед кој на секој гледач ќе му падне на памет штом се спомне филмот. Овој филм ќе му овозможи да оствари низа успешни соработки во 90-тите. Со Бернардо Бертолучи ќе го реализира КРАДЕЊЕ УБАВИНА / STEALING BEAUTY (1996), првата номинација за оскар ќе ја добие за ЕВИТА / EVITA (1996) режиран од Алан Паркер, ќе работи на четвртиот дел од франшизата ВОНЗЕМЈАНИН ВОСКРЕСЕНИЕ / ALIEN RESSURECTION (1997) од режисерот Жене, завршувајќи ја декадата со психолошкиот трилер во режија на Нил Џордан ВО СОНИШТАТА/ IN DREAMS (1999) и неоноар хорор филмот ДЕВЕТТАТА ПОРТА / THE NINETH GATE во режија на Роман Полански.
Во 2000-тите остварува соработка со режисерот Дени Бојл за филмот ПЛАЖАТА / THE BEACH (2000), ја продолжи соработката со Финчер на СОБА ЗА ПАНИКА / THE PANIC ROOM (2002), ја започна соработката со Вуди Ален на СЀ ДРУГО / ANYTHING ELSE (2003), со кого подоцна во кариерата ќе ги сними уште четири други долги филма меѓу кои се истакнуваат ПОЛНОЌ ВО ПАРИЗ / MIDNIGHT IN PARIS (2011), ИРАЦИОНАЛЕН ЧОВЕК / IRRATIONAL MAN (2015). Најдобар доказ за незапирливоста на Конџи е фактот што оваа година реализираше три значајни филмски остварувања, соработувајќи најпрвин со Бонг Џун-хо на неговиот научно-фантастичен свет на репликанти МИКИ 17 / MICKY 17, потоа го сними еден од најзначајните модерни вестерн филмови ЕДИНГТОН / EDDINGTON во режија на Ари Астер, а моментално во постпродукција е новиот филм на Џош Сафди ВРВНИОТ МАРТИ / MARTY SUPREME, во кој Тимоти Шаломе го глуми аспиративниот играч по пинг-понг. Свој белег има оставено и во рамките на малиот екран, односно има донесено впечатливи решенија во кадрирањето на уникатната криминалистичка ТВ-серија ПРЕМНОГУ СТАР ЗА ДА УМРЕШ МЛАД / TOO OLD TO DIE YOUNG во режија на Николас Виндинг Рефн и адаптацијата на романот од Стивен Кинг од страна на режисерот Пабло Лараин ПРИКАЗНАТА НА ЛИЗИ / LISEY’S STORY, со Џулиен Мур во главната улога. Номиниран е за два оскари за најдобра кинематограферска дејност за ЕВИТА и БАРДО, една номинација за наградата БАФТА, по три номинации од Американското здружение на кинематографери (ASC) и Британското здружение на кинематографери (BSC), три номинации за наградите Цезар и две номинации за наградите Индипендент спирит. Два пати филмовите на кои има работено беа во официјалната конкуренција на ИФФК „Браќа Манаки“ во борба за Златната Камера 300, најпрвин со ЗЕМЈА НА МРТВИТЕ / TREASURE OF THE BITCH ISLANDS во 1993 година, а потоа со СЕДУМ во 1996 година.Американскиот оскаровец е роден на 8 јули 1961 година како Волтер Ц. Фистер, кој иако е роден во Чикаго, израснат е во Њујорк. Застанал зад камера работејќи во њујоршките телевизии како камерман, а пред камера го поставува за првпат Рoберт Алтман работејќи ја ТВ-серијата ТАНЕР ‘88/ TANNER ’88. Фистер дипломира на Американскиот филмски институт (АФИ), каде работи на студентскиот краток филм ШТО НАПРАВИВМЕ? / SENZENI NA? (1990) кој е номиниран за оскар за краток игран филм во 1991 година. Откако ќе го погледне тој филм, неговиот колега Јануш Камински ќе го покани да соработува со него во секторот светло во бројни проекти кои ги режира Федон Папамајкл. Неговиот талент и потенцијал го препознава и Роџер Корман, кој му ја нуди можност да стекне искуство работејќи на филмовите од неговата независна продукција. Првиот долгометражен филм на кој работи како кинематографер е научно-фантастичниот хорор филм НЕРОДЕНОТО / THE UNBORN (1991) во режија на Родман Флендер и кадрира неколку еротски трилери во 90-тите, славната ера за овој филмски жанр во режија на Грегори Дарк и учествува како кинематографер на кратките сегменти во еротската антологија ОПАКУ НАОПАКУ / INSIDE OUT. Токму во тие филмови учи на лице место како да осветли сет, најекспедитивно што може, затоа што буџетите не дозволувале повеќенеделни снимања, стекнувајќи искуство и практични вештини.
Средбата која ќе му го промени животот се случува на Санденс, каде селектиран е филмот на кој работи ХАЈ-ЛАЈН / THE HI-LINE (1999) на фестивалот каде ќе се сретне со Кристофер Нолан и ќе започне една долгогодишна соработка која ќе им ги промени животите и на двајцата артисти. Првиот од нивните заеднички успеси е филмот МЕМЕНТО / MEMENTO (2000), препознаен по уникатната нелинеарна структура, кој стана фестивалски миленик доаѓајќи до две номинации за оскар. Заедно со Кристофер Нолан се заслужни за ревитализирањето на акционите суперхеројски филмови во светски рамки, имајќи ја можноста да го кадрира фамозниот Готам на големо платно, Фистер и Нолан ќе ја отпочнат нивната трилогија за темниот витез пред 20 години, започнувајќи со ПОЧЕТОЦИТЕ НА БЕТМЕН / BETMAN BEGINS (2005), означувајќи ја смртта на родителите на Брус Вејн и неговото станување на Бетмен, со кого за првпат е номиниран за оскар. Неговото продолжение ТЕМНИОТ ВИТЕЗ / THE DARK KNIGHT (2008) во кој Џокерот е тој што го тестира Бетмен до каде е подготвен да оди за да го спаси Готам, ја улови неповторливата изведба на Хит Леџер во кадар, обезбедувајќи му ја втората номинација за оскар. Освен при соработката со режисерот Нолан, Фистер сними и неколку значајни филмови во соработка со режисерот Ф. Гери Греј го кадрираше ИТАЛИЈАНСКА РАБОТА / THE ITALIAN JOB (2003) и ФОРМУЛА ЗА УСПЕХ / MONEYBALL (2011) биографската спортска драма во режија на Бенет Милер, номиниран за шест оскари. Тој се појавува пред камера и во документарниот филм КИНЕМАТОГРАФЕРСКИ СТИЛ / CINEMATOGRAPHY STYLE (2006), составен од изјави од 110 кинематографери кои говорат за начинот на кој се создаваат филмовите денес. Неговата кинематограферска работа неколкупати е номинирана за награди од страна на Американското и Британското здружение на кинематографери. Откако ќе ги достигне сите цели кои ги има зацртано како кинематографер, Фистер ќе стави пред себе нова цел – режирањето, седнувајќи во режисерското столче на долгометражниот филм ВИРТУЕЛНА СВЕСТ/ TRANSCENDENCE (2014), имајќи ја незадоволената потреба за прераскажување на приказни, го режира филмот за научниците кои се обидуваат да ја усовршат вештачката интелигенција под удар на организација против технологијата, кој и деценија по снимањето допира до актуелна тема во денешницата. Денес се занимава со режирање на рекламни видеоспотови за светски познати брендови, но исто така режира и епизоди во реномирани комични ТВ-серии.На прес конференцијата беше споделена и информацијата дека оваа година автор на плакатот за фестивалот е истакнатиот уметник Киро Урдин, а селекторите на фестивалот: Слаѓан Пенев, Марија Апчевска, Атанас Велковски, Кумјана Новакова и Ханис Багашов информираа за филмовите селектирани во главната, кусата, документарната и студентската програма.
Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржи по 46. пат од 20-26 септември во Битола.