Home » Кога стрипот ќе го заигра Русалиското оро

Кога стрипот ќе го заигра Русалиското оро

by culturalchat

Во свет каде што традицијата често се заклучува во витрини, а стрипот се перцепира како нешто „лесно“, млад уметник успеа да направи нешто што ретко кој се осмелува – да ги спои двете. Во фоајето на НУ Центар за култура – Битола, беше претставен проектот „Русалии – Танц и Традиција“ – стрип издание со авторски илустрации на Димитри Балојани, создадено специјално за 55. Илинденски денови.
Преку динамичен цртачки јазик, внимателна драматургија и стрип-панели полни со движење, проектот успеа да ја раскаже приказната за русалиската традиција – онаа прастара обредна пракса што денес ја препознаваме во сценските интерпретации, но ретко кога ја разбираме како мит, симбол и културен код.
Балојани, млад илустратор од новата генерација, се впушти во ризичен подвиг:
да ја претстави обредната моќ на Русалиите со медиум кој најмногу го читаат младите луѓе.
И токму затоа проектот успева – затоа што ја менува формата, но не ја губи суштината. Панелите се поставени како фрагменти од раскажување – дедо што им објаснува на внуците што се Русалии, кој бил првиот сабјар, и како се собрала дружината.
Во нив – го препознаваме старото, но и го гледаме новото.
Нешто што може да го прочита и етнокореолог и 12-годишен љубител на стрипови.
Проектот е и дел од повикот за нови уметности што го носи слоганот на овогодинешното издание: „ДЕНЕС за УТРЕ“. Уметноста не мора секогаш да доаѓа на платно или сцена.
Понекогаш доаѓа на табла, со стрип уметност. Со меч, со мит, со оро.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски

Related Articles