Со доделување награди во категоријата православна музика, во категоријата мешани хорови и мешани камерни хорови, во салата на Соколски дом во Бјелина, Босна и Херцеговина, заврши 24-от меѓународен хорски натпревар „Мајски музичи свечености “, кој во изминатите денови собра 46 ансамбли и шеснаесет соло пејачи од Србија, Македонија, Република Српска и БиХ.Оваа година учество зеде и мешаниот хор при КУД. Стив Наумов од Битола, од кој натпревар се врати со 3 златни медали. Во две различни категории, за православна музика, и категоријата на мешани хорови, хорот се натпреваруваше со 10 други. Прво место освои со 98, 57 поени во категоријата за православна музика, каде настапија во прекрасната црква Пресвета Богородица, понесени од прекрасната акустика и љубовта кон акапела пеењето; прво место со 98 поени освоија. во категоријата за мешани хорови, со настапот во прекрасната сала на Соколски Дом, простор кој исто ги понесе да на сцената хористите се опуштат и рашират своите гласови.
„ Тука е уште еден златен медал, кој мене ми е најдраг, за најдобра изведба на современо дело. Со тоа само се потврди мојата желба за промена на репертоарот, дека се движиме кон добар пат кој ќе ни носи успеси и во иднина“, ни изјави диригентката Лилјана Трајковска Димевски. Српското пејачко друштво „Србадија“ и годинава се покажа како одличен организатор на уште еден Меѓународен хорски фестивал. Во изминатите денови во Бјелина престојуваа и настапија повеќе од 1.500 хорски пејачи, диригенти, професори по музика и вљубеници во хорското пеење, а во изминатите дваесет и четири години, фестивалот собра повеќе од 820 хорови и повеќе од 44.000 хорски пејачи.