По повод големиот јубилеј – 80 години од постоењето на НУУБ „Свети Климент Охридски“ – Битола, во Офицерскиот дом се одржа панел дискусија на тема „Значењето на библиотеките за културниот живот и образованието во заедницата“. Дискусијата е дел од проектот „Промовирање на значењето на библиотеката како културна и образовна институција во заедницата – 80 години постоење на Битолската Библиотека“. На панел дискусијата свое учество како панелист имаше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека библиотеките имаат значајна улога за едукацијата и изградбата на младите личности, но и за заедницата во целина.
„Библиотеката е длабоко поврзана со моето детство. Период кога се натпреварувавме кој ќе има повеќе испишани графи од оние книшки во кои се запишуваа земените книги и кој побрзо ќе ја смени таа книшка. Во тој период често одевме трчајќи во одделението на библиотеката на улицата „Маркс и Енгелс“, но подоцна и во сегашната библиотека, по разни поводи и настани. Би сакал и сега, што повеќе деца да се вратат кон читањето и книгата. Во ова време, кога доминираат електронските уреди, телевизијата, интернетот, мобилните телефони, искрено се радувам кога ќе видам дека некое дете чита. Кога ќе се навратам на детството, за летните распусти, покрај детската игра, моравме да одвоиме време за да ги прочитаме и нашите лектири. Денес, како локална самоуправа имаме одлична соработка со библиотеката и при секое влегување во овој храм на книгата, мирисот на книгата ви ги враќа спомените“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во дискусијата.
Денешниот настан го отворија директорката на библиотеката, Емилија Стефановска Давкова и Фатма Бајрам Аземовска, координатор на проектот.
„Во денешно време, кога дигитализацијата и брзиот технолошки развој го менуваат начинот на кој учиме и се информираме, библиотеките остануваат темелни институции кои обезбедуваат пристап до знаење, но и простор за критичко размислување, истражување и социјална интеракција. Наша мисија како библиотека, не е само да чуваме и споделуваме книги, туку и да креираме динамична средина која ги мотивира младите и возрасните да истражуваат, да се надградуваат и да бидат дел од активна интелектуална заедница. Преку нашите проекти и активности, активно работиме на интеграција на библиотеките во образовниот процес, нудејќи поддршка на учениците, студентите и истражувачите преку разни програми, работилници и дигитални ресурси. Веруваме дека библиотеките треба да бидат места каде што секој ќе може да најде инспирација и можност за учење, без разлика на својата возраст или социјален статус“, истакна Фатма Бајрам Аземовска, координатор на проектот.
Беше истакнато и дека еден од клучните приоритети на библиотеката е проширувањето на соработката со образовните институции, културните организации и локалната заедница. Свои обраќања имаа и проф. д-р Игор Неделковски, ректор на УКЛО, Снежана Петровска од Општина Битола, доцент д-р Анита Ангелевска, професорката по македонски јазик Билјана Димко, д-р Светлана Талевска и д-р Николче Вељановски од НУУБ „Св. Климент Охридски“, м-р Ивана Хаџиевска и професор д-р Александар Стерјовски. За „Младинската перспектива: дигитална трансформација и мотивација на млади корисници“, говореше Викторија Брдаровска, претседател на Локалниот младински совет на општина Битола. Настанот заврши со креативна завршница – секој учесник сподели своја мисла за библиотеките, поттикнувајќи инспиративна дискусија за нивната иднина.