Во Битолскиот театар се одигра театарската претстава со бајки од првата книга во Европа „Сјајни ѕвезди — бајки раскажани од Роми“ во рамки на проектот Sasas Jekhvar Jekh. Once upon a time – and now. Оваа претстава го заокружи успешно завршувањето на значаен Еразмус+ проект, кој резултираше со создавање на ова извонредно издание. На почетокот на настанот акредитираните раскажувачи Селина Исовска, Дерија Мефаиловска и Драган Јанкоски прочитаа една бајка од книгата. Потоа следуваше претставата, во која беа драматизирани избрани бајки од книгата, со цел да се промовира самата книга и да се поттикне љубовта кон читањето и зачувувањето на културното наследство на ромската заедница. Претставата е во драматизација и режија на Билјана Крајчевска, а беше изведена од учениците од школата Интимен театар на Софија Ристевска.„ Посебна благодарност до учениците Евгенија, Димитра, Илина, Кирјана, Стефан, Николија, Мила, Калина, Каја, Леона, Филис и Марија. Им благодариме на сите основни училишта за поддршката и учеството на настанот. Над 400 ученици присуствуваа на вчерашната магија во НУ Народен театар – Битола“, истакнуваат од Битолската библиотека. Настанот беше одлична можност за учениците и публиката да се запознаат со богатата култура и традиција на ромската заедница и да се инспирираат од извонредните изведби. Ова искуство има за цел да ги поттикне новите генерации љубители на уметноста и литературата. Книгата „Сјајни ѕвезди — бајки раскажани од Ромите од Европа“ е создадена во рамките на тригодишен проект финансиран од Европската комисија. Бајките се собрани од раскажувачи од Германија, Бугарија, Грција, Унгарија, Македонија, Романија, Србија и Турција. Тие се преведени на англиски јазик, а потоа адаптирани на националните јазици и ромските дијалекти на земјите партнери. Книгата е објавена истовремено во осум земји. Овој проект има за цел зачувување на ромското културно наследство и поттикнување на интересот за читање и пишување.