„Повторното обединување на двете Кореи“ е насловот на најновата премиера во Народен театар Битола, која ќе биде изведена на 28.11, петок. Се работи за дело на Жоел Померат, а во режија на младиот словенечки режисер Јуш Зидар. Оваа провокативна драма ја истражува комплексноста на љубовта, врските и човечките емоции низ впечатливи и вознемирувачки сцени. На денешната прес конференција на почетокот на присутните новинари им се обрати директорот на НТБ, Васко Мавровски кој истакна:
„Станува збор за дело на автор роден 1963 година, во кое се зборува за односите помеѓу луѓето. Актерската екипа заедно со режисерот и целиот креативен тим завршија прекрасна работа, бидејќи после подолго време во Битолски театар имаме претстава која носи сосема нова и уникатна естетика“.Тој најави дека на 14.12 во Офицерскиот дом ќе биде официјалната промоција на Монографијата „80 години Народен Театар Битола“, потоа на 23.12 ќе биде премиерата на детската претстава „Снежана и седумте џуџиња“, а три дена подоцна и премиерата на новогодишната детска претстава „Снежната кралица“, работена според бајката на Ханс Кристијан Андерсен. Режисерот истакна дека според Французите театарот е емотивно патување во човековата душа, па затоа и овој текст ја следи реалноста на животот, го следи тој пат.
„За да човекот не се изгуби во овој голем хаос на Земјата, единственото решение е да се држи до љубовта, за да преживее. Ние текстот го обработувавме повеќе како поезија. Се обидовме да направиме една театарска форма која создава една отворена структура да може публиката да ја доизгради сликата. Тоа сето го разговаравме и со асистентите француски режисери, дека театарот треба да ја вклучи публиката на начин да не покажува некои совршени слики на реалноста, туку заедно со публиката да ја гради таа слика, да дише со таа публика како едно. Нашата претстава е заедничка рефлексија на животот и на тоа како со љубовта на некој начин може полесно да се преживее некоја животна болка“.На некој поетичен начин се обидоа да направат платформа преку која ќе можат заедно да дишат со публиката, таа да може да го дополни тоа што на сцената останува недовршено.
„Сакавме земајќи ги мотивите од текстот, да ги пренесеме преку лична приказна, ставовите кои ги нуди авторот ги пренесуваме на свој начин, тргнувајќи од некое свое лично животно искуство“, додава режисерот.
Во претставата играат: Иван Јерчиќ, Викторија Степановска Јанкуловска, Валентина Грамосли, Никола Стефанов.
„ Не станува збор во претставата за некои карактери, туку за луѓе ставени во ситуации и претставата делува како некое огледало во кое може да се погледне секој од публиката и ќе се препознае себеси во дадени ситуации и ќе го надогради тоа што низ претставата е на некој начин наметнато. Овде станува збор за жртви на капиталистичкото време и трката која ја имаме секој со себе, за да бидеме што подобри од другиот, но и од самите себе. Пример, една жена треба да стигне да заработува исто или приближно како сопругот, воедно да се грижи за домот, за себе да биде една совршена жена, да се грижи за децата и плус покрај сето тоа, да вежба и еден куп други работи кои во тоа немање на време, ни носи некое незадоволство и прашање: дали сум јас способен да одговорам на ова што денес се нарекува живот?“, истакна актерката Степановска Јанкуловска.„Имавме прекрасен процес на работа, затоа што режисерот на еден мирен и едноставен, но сепак продорен начин, влезе во нашите души, го извлече сензибилитетот на секој од нас и целиот материјал од текстот размрда нешто кај нас, во нашите мисли, предизвика пред се многу емоции кај нас. Сигурна сум дека оваа претстава ќе допре и разбуди емоции како кај нас, така и кај публиката, и ќе предизвика публиката да се запраша: што е тоа љубов кон самиот себе, во семејството, љубов кон пријателите“, додава актерката Валентина Грамосли.
Актерот Никола Стефанов рече: „Среќен сум што сум дел од овој процес, научивме како на поинаков начин приказната може да биде раскажана. Можам да кажам дека за прв пат разбрав дека тишината може многу да зборува“.„Мислам дека направивме претстава која е многу суптилна, многу зборува. Ние не ја повикуваме публиката да биде дел од претставата, од темата, да ги искаже своите емоции на некаков агресивен наметнат начин. За мене претставата е како некое светло под вратата кое полека стигнува до публиката и на некој начин ја осветлува, ја буди. Во секој случај ве предизвикува на некое размислување“, вели актерот Јерчиќ. Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, преводот го направи Оливера Павловиќ, Марјан Неќак е композитор.
„Ние за прв пат се сретнавме со режисерот во Марибор, на една моја премиера во март, кога тој ми рече дека ќе работи во Битола и дека би сакал да соработуваме. Среќен сум дека сега претставата се случи и ќе има долг живот. Нашиот театар има отвореност кон млади и нови луѓе, кон странски соработници кои со самото присуство тука носат нешто ново. Театарот како и се друго е подложен на трендови и ние како театар се обидуваме да ги следиме во визуелна, уметничка смисла. Тоа се случи и со оваа претстава. Соработката беше одлична, се надевам дека и во иднина театарот ќе има повеќе вакви проекти“, истакнува Мицевски.За композиторот Марјан Неќак, ова не е прва соработка со режисерот.
„Соработуваме околу 8 години и во словенечките и во српските театри. Ја следам неговата работа од самите негови почетоци, прво кога беше асистент на претстава во режија на Александар Поповски, сметам дека е еден од луѓето родени да бидат во театар, човек кој живее за театарот. Овој негов избор на текст најмногу личи на него, на неговата работа, затоа што тој е доста сензибилен, напреден за своите години и сметам дека оваа претстава ќе остави голем печат не само во Битолски театар, туку и во воопшто на македонската театарска сцена“.
Светло дизајнот го направи режисерот Зидар, светло мајстор е Горан Петровски, тон мајстор Николче Терзиевски. Суфлер Мирјана Христовска, инспициент Димитар Михајловски. Не пропуштајте ја можноста да бидете дел од ова уникатно театарско патување! Резервирајте ги вашите билети на: [https://narodenteatarbitola.com]
Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам.