Home » „На гости кај Кате и Фреда“ ги воодушеви најмладите во Скопје

„На гости кај Кате и Фреда“ ги воодушеви најмладите во Скопје

by culturalchat

Заврши третото издание на Интернационалниот фестивал за детски театри „Игор Маџиров“ во Скопје, во организација на НУ Театар за деца и младинци. За најдобра претстава на фестивалот беше прогласена претставата „Не ме чекај” на театарот „Гледај го снегот на трепките“ од Нант- Франција. На фестивалот учествуваше и посебно внимание привлече Бабец театарот од Битола, со претставата „На гости кај Кате и Фреда“, по делото на Ингеборг Фон Задов, режија Јован Ристовски.Драмскиот детски текст “На гости кај Кат и Фреда” важи за еден од најдобрите германски современи драмски дела наменети за детската популација, односно за возраст од 5 +. Во Македонија за прв пат е поставена детска германска драматургија. Оваа исклучителна драма е важна бидејќи ја разработува темата за промени, инклузија, прифаќање и неприфаќањето на различностите и една од најважните теми – емпатијата. Фабуларната приказна на современиот германски драмски текст кој ја разработува темата за социјална кохезија и емпатија е современа приказна за две другарки кои прифаќаат да дојде непознат гостин кај нив дома. Преку присуството на третиот лик кој доаѓа на гости двете најдобри другарки ги изместува од нивната комфортна зона. Преку присуството на непознатото трето девојче, се откриваат различни однесувања и ставови на двете најдобри другарки, преку кој се открива чинот на прифаќањето или не прифаќањето, флексибилноста за промени, стравот од непознатото, чувството за солидарност и спротивно на тоа, себичноста.Авторката нуди прекрасна приказна за разојот на емпатијата помеѓу луѓето, децата – особено кон незаштитените и ранливи групи. Театарскиот проект се залага за правилен развој на децата, поттикнување на емоционална интелигенција преку осознавање на меѓучовечките релации. Овој германски текст беше успешно реализиран во 14 театри во Германија, Швајцарија, Шведска и Камбоџа. Преведен е на 12 јазици.Целта на оваа претстава е да се упати порака дека ништо друго, ниту изгледот, ниту материјалните средства не се важни во животот, како што е однесувањето. Доколку го живееме животот чесно, со добро срце и љубезен однос кон сите ќе напишеме приказна која вреди да се раскажува. Со оваа претстава Бабец театар гостуваше и во Албанија во рамките на Македонското културно лето. Играа: Јулијана Мирчевска, Катарина Аневска Дранговска, Марија Стефановска. За сцената и костимите се погрижи Јован Ристовски, дизајн  на светло Игор Мицевски. Премиерата на претставата беше изведена во рамките на ИДТФ Битолино, по повод 14.роденден на Бабец театарот.На фестивалот „Игор Маџиров” настапија вкупно десет претстави, беа одржани две работилници за деца и млади и се одржа панел дискусија посветена на детскиот театар. И оваа година фестивалот беше поддржан од Министерството за култура и туризам, а под покровителство на претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

 

 

 

 

Related Articles