На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ беа доделени наградите за најдобар превод „Драги“. Настанот беше во рамките на јубилејното, 10. издание на Фестивалот на европска литература „Букстар“ 2024. Жири-комисијата во состав д-р Јана Михајловска, д-р Зорица Николовска и Владимир Јанковски одлучија во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи финалисти со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици: Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на „Антолог“, 2024 година; Ѓоко Здравески за преводот од хрватски јазик на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на „Бегемот“, 2024 година; Екатерина Бабамова за преводот од англиски јазик на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на „Артконект“, 2023 година; Елисавета Поповска за преводот од француски јазик на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на „Илика“, 2024 година; Ирена Јурчева за преводот од англиски јазик на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, издание на „Паблишер“, 2023 година.Наградата ја доби Анастасија Ѓурчинова. Во образложението меѓу другото се вели дка станува збор за превод кој на мошне суптилен начин ги задржува стилските карактеристики на книжевниот дискурс на Николо Аманити, умешно вклопувајќи ги во стилските, лексичките и синтаксичките можности на македонскиот јазик. Преводот на Анастасија Ѓурчинова се карактеризира со прецизност и верност кон оригиналниот текст, со огромна почит кон стилот на авторот.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од издавачката куќа „Антолог“ со поддршка од Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од плакета и статуета „Драги“, како и од паричен дел во износ од 30 000 денари. Во рамките на настанот беше доделена и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачот Бенјамин Лангер (Германија) за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски од македонски на германски јазик.Романот на германски јазик го објави издавачката куќа „Гуголц“ од Берлин. „ Очигледно е дека за овој голем преведувачки проект тој не само што поседува одлични и изнијансирани познавања на македонскиот јазик, туку и дека темелно ги проучил историскиот и книжевниот контекст, јазичните специфи на руралниот, архаичен живописен македонски говор, а за културолошки конотираните македонските лексеми понудил креативни германски еквиваленти“, се вели во образложението за наградата.