На 30. Сараевскиот филмски фестивал во амфитеатарот „Опен ер“ се одржа премиерата на македонскиот долгометражен филм „Убиј ги прво децата“, по сценарио и во режија на Димитар Оровчанец. Филмот, кој се прикажа во официјалната програма, е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиното лудо вљубено момче и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје поради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео.„Убиј ги прво децата“ е дебитантски игран филм на Димитар Оровчанец, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“. Продуценти на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев. Главните улоги ги толкуваат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Во другите улоги играат Александар Ѓорѓиевски, Стефан Вујисиќ, Марко Трајковиќ, Адријан Азири, Марина Поп Панкова, Лео Поповиќ, Атанас Тановски, Марија Јанчевска, Ненад Нацев, Александар Микиќ и други.Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Илина Чолак, монтажер е Софија Самоиловска Јовановиќ, а композитори на музиката се Дарко Спасовски и Игор Василев-Новоградска.
Филмскиот фестивал во Сараево е од „А“ класа и е еден од најголемите и највлијателни фестивали во поширокиот регион. Ова е неговото 30-то издание. Годинешните лауреати на фестивалот се актерката Мег Рајан, оскаровецот, режисер, сценарист и продуцент Александар Пејн и актерот Џон Туртуро.Програмата „Опен ер“, а воедно и фестивалот го отвори последниот филм на оскаровецот Данис Тановиќ – „По летото“.