Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Владо Јовановски е годинешниот лауреат на наградата за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“, што годинава за првпат се доделува во рамки на третото издание на Фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“. Претседателката на Советот на фестивалот „Преку езерото“ Мими Ѓоргоска Илиевска посочи дека наградата се доделува во чест на доајенот на македонското филмско актерство, а целта е да се направи значаен чекор како за македонската, така и за европската и медитеранската кинематографија.
„Филмовите на Мето Јовановски заземаат значаен дел токму од Кинотеката каде што се чуваат и ќе останат достапни и видливи неговите дела за генерациите кои доаѓаат. Со неговите дела тој останува секогаш меѓу нас. Секогаш кога ќе погледнеме некој филм со Мето Јовановски ќе се сеќаваме на него“, рече Ѓоргоска Илиевска.Таа посочи дека првиот лауреат Владо Јовановски е уште еден доајен, исклучителен и препознатлив македонски филмски актер, кој остварил низа значајни улоги во македонската кинематографија и исто како и Мето Јовановски, ја креира и ја создава богатата историја на македонската кинематографија.
„Владо Јовановски е навистина многу препознатлив на филмското платно. Не дека неговите улоги на театарската сцена се помалку вредни, но ние тука сме во знакот на филмот и филмската уметност, и кога говориме за актерството, значајни се овие актери кои се препознатливи на филмското платно“, додаде Ѓоргоска Илиевска.Во чест на Мето Јовановски, пред Кинотеката беше претставен и монументален мурал.
„Да се стои под овој мурал овде под ликот на Мето Јовановски е чест но и одговорност, затоа што да бидеме искрени, среќа наша е што живеевме со најголемиот актер во историјата на македонската кинематографија. Човекот кој не само што беше синоним за актерството и за филмот во Македонија, туку Мето Јовановски беше и синоним за Македонија“, изјави Јани Бојаџи.