Битола од 19. ти до 31- ви јули ќе биде центар на македонскиот и светскиот фолклор. Под мотото „Уметноста на традицијата“, ќе се одржи 54 издание на фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“. „Целиот град ќе биде една голема сцена“, истакна Маја Андоновска-Илијевски директорка на Центарот за култура од Битола кој е организатор на овој познат фестивал и додаде:
„Фестивалот Илинденски денови ја слави Уметноста на традицијата веќе 54 години, и токму традицијата ја поставува како цврст темел за издигнување на нашиот фестивал меѓу фестивалите на ЦИОФФ под Унеско, фестивал кој на светот широко му ја отвора вратата на нашиот град и држава, доближувајќи го до светот 7/8 такт, звукот на зурлата и тапанот, одигрувајќи му го Тешкото и Комитското оро , фалејќи се со богатите македонски народни носии и натпевајќи ги и славеите со песна… а од друга страна, градот ни го обојува во танци, ритми и музики на земји далечни кои доаѓаат од различни континенти, докажувајќи дека на уметноста на традицијата не и треба јазик кој го говориме сите, песна која ја пееме сите, оро кое го знаеме сите… традицијата сите не вткајува во едно уметничко ремек дело“.Програмата започнува на 19- ти јули, фестивалот ќе трае 13 денови, со над 1200 играорци. Планирани се работилници за деца, селектирани се врвни изложби, испланиран е и традиционалниот стручен симпозиум, настани кои ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери. Фестивалот се занимава и со научна дејност. Оваа година тука е и Саемот на книга во соработка со Book House Битола, концертите на КУД. Илинден, Етно кампот на Македонија во соработка со Музичка младина, концертот на Танец, насловен „Танец низ татковината“, промоција на Монографија македонски народни носии, традиционалните манифестации: Ехо на дамарите, Фолклорна прошетка низ светот, Вечер на традиционална музика и игра, Напладне низ Чаршија и Широк Сокак. Оваа година ќе биде и Фестивалскиот караван кој ќе се одржува во општина Новаци, Могила и Демир Хисар. Ќе бидат одржани и два мастер часови со членовите на американскиот фолклорен ансамбл и групата од Јужна Кореја.„Семинарот на традиционална музика и игра, оваа година ќе се одржи по 16 -ти пат во два дела, од 26. до 29 .јули“, истака Љупка Стефановска магистер по етнокореологија и дел од тимот на фестивалот.
5- то издание на Научно стручната конференција која оваа година носи еминентни гости од Европа, за прв пат ќе се организира во Битола. Иницијативата во рамките на фестивалот да заживее и филмот како медиум, го создаде и Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој годинава се одржува по трет пат .Стигнале апликации за 2681 филм од кои селектирани се 40 филмови од целиот свет. Селектор на фестивалот е македонскиот новинар кој живее во Франција, Тони Гламчевски и кој заедно со својата сопруга таму организираат фестивал. Оваа година има и филмови во кои се прикажува процесот на изработка на инструменти. Првиот филм е „Откривањето на другиот“ .„Илинденски денови е фестивал над фестивалите, во областа на традицијата и народната култура. Опфатени се сите сегменти од традицијата, фолклорот, догодина планираме и нешто друго, што ќе го збогати фестивалот. Целта е да се опфати цела народна култура, целта е фестивалот да му биде инспирација, како на девојчето кое го нацрта цртежот, така и на илјадници нови деца кои ќе творат, играат, ќе пеат, ќе создаваат музика, и ќе се посветат на традицијата како на свои корени“, изјави на денешната прес конференција Валентин Соклевски, стручен соработник и долгогогоишен главен координатор на овој фестивал.Овогодинешниот постер е инспириран од цртежот на младата уметница Јована Трајческа од основно училиште „Даме Груев“ од Битола, кој го доловува духот на овој настан со свежиот и имагинативен допир на детската креативност, затоа што иднината им припаѓа на новите генерации, а и грижата за културното наследство.
Илинденски денови е фестивал кој пред неколку години на светскиот конгрес на CIOFF одржан во Индонезија се здоби со сертификат кој го стави на листата на 100 најдобри светски фестивали за фолклор. На таа листа е заедно со најголемите фестивали ширум светот, а она што го праќаме кон светот од Битола со овој енергичен фестивал секогаш знае да ја воодушеви и публиката тука, но и луѓето кои се бават со фолклор ширум светот, посакувајќи да бидат гости на фестивалот. Истиот се организаира со поддршка на Министерството за култура, општина Битола, под покровителство на Собранието на РМ, во соработка со Еуропа Синемас, филмскиот фестивал Нанси Франција, Битолскиот Народен Театар, Битолскиот Музеј и КИЦ, Загреб филм, и неколку локални компании.